Бројот на жртви во немирите во Иран се искачи на 31 лице

Redaksia
Publikuar nga Redaksia 22 Shtator, 2022 20:19

Бројот на жртви во немирите во Иран се искачи на 31 лице

Протестите во Иран поради убиството на 22 годишната девојка Махса Амини од страна на моралната полиција прераснаа во отворени улични борби меѓу полицијата и демонстрантите. Според последните информации бројот на загинати во судирите се искачи на 31 лице, додека државната телевизија тврди дека на повредите им подлегнале 17 лица.

Демонстрациите од престолнината Техеран се раширија низ повеќе ирански градови, со собири и судири меѓу органите на редот и демонстрантите дури и во западниот град Керманшах.

Протестите влегоа во седмиот ден а иранската револуционерна гарда денеска го повика државното судство да ги осуди оние „кои шират лажни вести и гласини“ за 22-годишната Махса Амини.

Причината за немирите низ Иран е смртта на Амини, приведена од моралната полиција затоа што неправилно носела хиџаб. Таа починала во притвор од срцев удар, според властите, но нејзиното семејство ја оспори владината верзија на инцидентот. Јавноста се сомнева дека 22 годишната Амини била брутално претепана од моралната полиција, по што започнаа протести против државната репресијата, а некои од демонстрантите скандираат и против Исламската република.

Убиството на Амини го осудија Обединетите Нации, Европската унија, САД.

Полицијата одби да ѝ покаже на јавноста снимен материјал од комбито каде девојката е претепана. Оттаму наведуваат дека таа починала од срцев удар, иако семејството нагласи оти Амини била здрава.

Во знак на протест, жените во Иран јавно го тргаат и го палат својот хиџаб.

Redaksia
Publikuar nga Redaksia 22 Shtator, 2022 20:19