Првиот брод со пченка од Украина го напушти пристаништето во Одеса

Redaksia
Publikuar nga Redaksia 1 Gusht, 2022 20:10

Првиот брод со пченка од Украина го напушти пристаништето во Одеса

Товарниот брод „Разони“ кој плови под знамето на Сиера Леоне утринава го напушти пристаништето во Одеса со првиот товар од 26 илјади тони пченка. Според информациите на турското Министерство за одбрана утре бродот треба да пристигне во Истамбул каде според договорената процедура ќе биде извршена инспекциска контрола на товарот за да се спречат евентуални илегални испораки на оружје, по што ќе продолжи кон својата крајна дестинација, Либан.

Извори од турското Министерство за одбрана велат и дека наскоро се очекува  да испловат и други бродови по договорените рути.

Со денешната испорака се означува почетокот на спроведување на спогодбата меѓу Русија и Украина за извоз на украинските житарки, постигната на 22 јули со посредство на ОН и Турција, а со цел да се спречи криза со храна во светот.

Со неа двете страни се обврзаа на почитување на договорените безбедни коридори за бродовите во Црното Море и воздржување од воени активности кои би го попречувале транспортот.

Во таа насока во средата почна да функционира и посебен координативен центар за извоз на житото, тело во кое се застапени претставници на Украина, Русија, ОН и на Турција, чија заедничка задача е надгледување и безбеден премин на украинските товарни бродови на претходно утврдени рути.

Отпловувањето на првиот товар утринава го поздрави и Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш кој нагласи дека тоа претставува хуманитарен императив со цел да се осигура постоечките житарки и други прехранбени производи да се најдат на глобалниот пазар.

Првата испорака на житарици од Украина ја поздравија и од ЕУ и од Нато. Портпаролот на шефот на европската дипломатија, Петар Стано изјави дека ова е многу важен и добредојден чекор.

ОВА Е МНОГУ ВАЖЕН И МНОГУ ДОБРЕДОЈДЕН ПРВ ЧЕКОР И СО НЕТРПЕНИЕ ГО ОЧЕКУВАМЕ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЦЕЛИОТ ДОГОВОР СО ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА УКРАИНСКИОТ ИЗВОЗ НА ПОТРОШУВАЧИТЕ ШИРУМ СВЕТОТ КАДЕ ШТО ИМ Е ПОТРЕБНО, БИДЕЈЌИ НЕГАТИВНИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД РУСКАТА АГРЕСИЈА ВРЗ УКРАИНА И БЛОКАДАТА НА УКРАИНСКИТЕ ПРИСТАНИШТА ГИ ПОГОДУВААТ НАЈРАНЛИВИТЕ ЛУЃЕ ВО АФРИКА, АЗИЈА И НА БЛИСКИОТ ИСТОК“, ПОРАЧА СТАНО.

Проценките на експертите се дека во украинските пристанишни складишта има од 20 до 25 милиони тони жито но тие се заглавени поради воените дејствија и руските поморски блокади.

Redaksia
Publikuar nga Redaksia 1 Gusht, 2022 20:10