Саво Климовски, Љубомир Јовески меѓу деветте кандидати за уставни судии

Redaksia
Publikuar nga Redaksia 13 Maj, 2022 21:35

Саво Климовски, Љубомир Јовески меѓу деветте кандидати за уставни судии

Јавниот обвинител Љубомир Јовевски, судијата Фатмир Скендер, државниот советник Татјана Васиќ-Бозаџиева, професорите Саво Климовски и Родна Живковска и други истакнати правници, се предлози за уставни судии. Власта предлага тројца кандидати а опозицијата уште 6, или вкупно – има 9 предлози за три од четирите празни места во Уставниот суд. Комисијата за избори и именувања, која заседава за ова прашање по речиси една година, дополнително ќе одлучува кои тројца кандидати ќе ги предложи до Собранието, кое треба да ги избере со најмалку 61 глас.

Девет можни кандидати за три судиски позиции во Уставниот суд. Власта предлага за уставни судии да бидат избрани: Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовевски, кој и самиот неколку пати кажа дека би прифатил ваков предизвик, судијата во Апелацискиот суд Фатмир Скендер и државниот советник во Министерството за правда Татјана Васиќ-Бозаџиева. Опозициската ВМРО ДПМНЕ има шест предлози. Доставија професионални биографии на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, обвинителите Тодор Витларов и Воислав Димовски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и екс претседателот на Гостиварскиот суд Бранко Секуловски.

Опозицијата предложи изборот да се спроведе потранспарентно, со јавен оглас,  лично пријавување, презентирање и сослушување на кандидатите во Комисијата за избори и именувања.

Власта се согласува дека постапката за избор треба да биде подетално разработена и во Деловникот и со посебен закон. Но, додека се менува регулативата, велат, изборот треба да тече како до сега.

Комисијата за избори и именувања дополнително ќе гласа кои тројца од вкупно деветте предлози ќе ги достави до Собранието.

Уставниот суд работи во намален состав од минатиот јуни. Тогаш им истече мандатот на тројца судии, а во декември на уште еден. Претседателката Добрила Кацарска повеќе пати апелираше пратениците да го забрзаат изборот. Денешната седница на Комисијата за избор на тројца судии е закажана уште во јули и се уште не е завршена.

Redaksia
Publikuar nga Redaksia 13 Maj, 2022 21:35