Финансиска полиција и МВР истражуваат во Скопски Водовод

Redaksia
Publikuar nga Redaksia 16 Shtator, 2022 20:27

Финансиска полиција и МВР истражуваат во Скопски Водовод

Финансиската полиција и МВР влегоа во Скопски „Водовод“. За сите преземени дејствија го известуваат јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал, потврди за Телма Јавното обвинителство. Појаснуваат дека во овој момент Обвинителството има консултативна и координативна улога и дека ќе постапи согласно своите надлежности доколку се утврдат елементи на кривично дело.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска во телевизиско интервју рече дека институциите постапуваат по допрен глас. Но, пред неколку дена најави дека до Обвинителството ќе достави документи за местење на тендерот за Пречистителна станица на Вардар вреден 136 милиони евра. Поради тоа го разреши директорот Златко Перински, а тој `и порача дека инвеститорот – Европската инвестициска банка не ја дозволува промената на комисијата што таа ја бара.

ВМРО-ДПМНЕ застана во негова одбрана. Денеска, уште тројца од вкупно шест директори на јавни претпријатија се пожалија на соработката и си заминаа.

Борис Настов од „Улици и патишта“ даде неотповиклива оставка поради неадекватна комуникација со градоначалничката и неразбирање за клучните проекти од интерес на градот.

Филип Василевски од ЈСП Турс напиша дека проектите во кои верувале и се обврзале пред скопјани не се исполнуваат, а градот е заглавен во караници и пресметки од личен интерес.

Воислав Димитровски тврди дека заради немање поддршка од градот, „Лајка“ континуирано има блокирани сметки и доцни со платите за вработените.

Изминатите денови, оставки си поднесоа и првите луѓе на „Градски паркинг“ и на „Дрисла“.

Арсовска ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски дека не можат да излезат од тендер-матрицата, а тие најавија кривични пријави за неа.

ДОКОЛКУ ДАНЕЛА АРСОВСКА НЕ СЕ ИЗВИНИ, КАКО ШТО РАЗБРАВ ОД НИВНИТЕ СТАТУСИ И ИЗЈАВИ, ТИЕ ЌЕ ПОКРЕНАТ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА КЛЕВЕТА И НАРУШЕН УГЛЕД. НО ТОА НЕ Е ВАЖНО. ВАЖНО Е `СЕ ШТО БЕШЕ ДЕЛ ОД КОНЦЕПТОТ ЗА МОДЕРНО СКОПЈЕ ДА СЕ РЕАЛИЗИРА И ЗА ТОА ГРАДСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ЌЕ ДОБИЕ ПОДДРШКА, ИЗЈАВИ МИЦКОСКИ.

Која е улогата на Мицкоски во тендерот од 136 милиони евра, прашува СДСМ и опоменува дека граѓаните очекуваат реализација на проекти, а не кавги за тендери, влијанија и провизии.

Вчера на седницата за советнички прашања, Арсовска го нарече Мицкоски „шпицен градоначалник кој се крие и се заканува“, а на ВМРО-ДПМНЕ им забележа дека до сега за нив била најдобриот градоначалник, а почнале да ја оцрнуваат откако „ги фатила со рачињата во медот“.

Redaksia
Publikuar nga Redaksia 16 Shtator, 2022 20:27