Стартува скијачката сезона на Шар Планина
Денеска се отвора скијачката сезона во ски-центарот „Попова Шапка“. На паркингот над хотел Славија на Попова Шапка, ќе се одржи настанот „Шарска белина – шарска убавина“ , што го организираат Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за економија, во соработка со „Елем турс“ и Националниот парк „Шар Планина“, а свои обраќања ќе имаат нивните министри и директори.
Со овој настан се означува почетокот на скијачката сезона во новиот НП „Шар Планина“ и по тој повод ќе биде промовиран Планот за управување со националниот парк, што е во финална фаза на изработка и за кој што допрва ќе следуваат консултации со јавноста, како и оставарувањата и плановите за развој на инфраструктурата во овој туристички центар, велат од организациониот одбор.
Предвидено е среда и четврток да бидат бесплатни денови за скијање и користење на ски-лифтовите и жичниците во Ски-центарот, кој ќе работи од 9 до 15,30 часот.
На денот на отворањето, во функција ќе бидат ставени и шестоседата жичница, ски-лифтовите „Ајдучка рамнина 1“ – ГЕ, „Бабин Извор“ – Аеродром, „Поток 1“ – Тететкс, „Поток 2“ – Тететкс, двоседната жичница „Св. Илија“ и двоседната жичница „Син врв“ – Церипашина. Во текот на сезоната ќе биде ставен во функција и ски-лифтот „Ајдучка рамнина 2“ – ГЕ.
Првпат оваа година, ски-сезоната се отвора откако Шар Планина е прогласена за Национален Парк.