Северна Македонија со кревка доверба во ЕУ – најголем оптимизам во Албанија и Црна Гора
Според најновите резултати од Еуробарометарот за есен 2024 година, 54% од граѓаните на Северна Македонија изјавиле дека имаат доверба во Европската унија, додека 42% имаат тенденција да не ѝ веруваат, пренесува Flaka Media. Овие податоци претставуваат благо опаѓање во споредба со минатата година, кога довербата изнесуваше 56%.
На регионално ниво, Црна Гора (83%) и Албанија (80%) покажуваат највисоко ниво на доверба кон ЕУ, додека Србија останува најскептична, со само 37% од граѓаните кои ѝ веруваат на Унијата и 57% кои немаат доверба.
Во Косово, довербата исто така е висока – 79% од граѓаните имаат позитивен став кон ЕУ. Во Босна и Херцеговина, 58% веруваат во ЕУ, додека 37% не ѝ веруваат.
Кога станува збор за членство во ЕУ, оптимизмот е највисок во Албанија и Црна Гора, каде што над 80% од граѓаните веруваат дека тоа би било добра работа. Во Северна Македонија и Босна и Херцеговина, тој став го делат помеѓу 50% и 60%, додека во Србија, само 34% од граѓаните сметаат дека членството би било позитивно.
Во самата Европска Унија, 54% од граѓаните го поддржуваат проширувањето, додека 39% се против. Сепак, скептицизмот е поизразен во некои земји-членки:
- Германија и Австрија: само 42% се „за“, 53% се „против“
- Франција: 41% во корист, 49% против – иако бројот на противници е во опаѓање во споредба со претходните анкети
Резултатите од Еуробарометарот ја одразуваат сложената динамика на перцепцијата кон ЕУ – комбинација од желба за интеграција и акумулирано разочарување од долгиот процес на пристапување, особено во земјите како Северна Македонија.
Flaka Media
















