СЕПА: Историски чекор кон ЕУ – Народната банка ги забрзува подготовките
Пристапувањето на Северна Македонија кон Единствениот евро платежен простор (СЕПА) претставува значаен исчекор на патот кон Европската Унија и е потврда за реформите што ги спроведува Народната банка. Ова беше нагласено на средбата меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и директорката за Западен Балкан при Европската комисија, Валентина Суперти, на која присуствуваше и Зулфи Исмаили, амбасадор и шеф на Мисијата при ЕУ.
„Пристапувањето кон СЕПА претставува историски напредок… и потврда за реформите коишто ги предводеше Народната банка за исполнување на високите европски регулативни барања“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
На состанокот беше дискутирано за понатамошните активности поврзани со СЕПА, што ќе овозможат на македонските банки – и покрај тоа што државата не е членка на ЕУ – да се приклучат кон европските платежни системи. Сепак, за целосно искористување на придобивките од овој систем, потребно е да се надминат актуелните предизвици.
Централната банка, заедно со банкарскиот сектор, интензивно работи на подготовките со цел да се постигне целосна усогласеност до октомври 2025 година, што е и првиот можен датум за приклучување на банките од Западен Балкан кон СЕПА.
Во таа насока, Народната банка ќе продолжи со поддршка на процесот преку техничка асистенција и регулаторен надзор, во тесна соработка со меѓународните партнери.
Покрај тоа, гувернерката ја информираше директорката Суперти и за најновите макроекономски показатели, кои укажуваат на засилена макроекономска стабилност и стабилен банкарски систем.
На крајот од средбата, Ангеловска-Бежоска и Суперти изразија заедничко задоволство од проектите со поддршка од ЕУ, кои ја унапредуваат усогласеноста со европските стандарди и регулативи, со јасна определба за понатамошно продлабочување на соработката. Флака Медија
















